Мицкоски: Трагедијата во Кочани беше најтешкиот ден во мојот живот не само како премиер, туку и како човек

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски ја отвори меѓународната конференција посветена на институционалните и клиничките решенија по трагедијата во Кочани. Конференцијата е по повод една година од трагедијата кога во дискотеката „Пулс“ загинаа 63 лица.

Тој рече дека денот на трагедијата е најтешкиот ден во животот не само како премиер, туку и како човек.

„Постојат настани во историјата на една држава кои не се мерат со време, туку со болката што ја оставаат зад себе. Трагедијата во Кочани е токму таков настан. Таа не е само трагедија на еден град, туку трагедија што ја потресе целата држава и која засекогаш ќе остане во колективното сеќавање на нашето општество.

Луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку судбини. Личности.

Денот на таа трагедија не беше само најтешкиот мој ден како премиер, туку и како човек“, рече Мицкоски и додаде:

„Една трагедија никогаш не завршува со денот кога се случила. За семејствата, таа продолжува секој ден. Таа продолжува во празните столови на трпезата, во тишината во домот и во секое утро кога човек се буди со споменот на најтешката загуба. Затоа обврската на државата не е само да се сеќава, туку и да покаже дека знае да учи од трагедиите и да изгради систем кој ќе биде посилен, побезбеден и похуман.

Во нашата историја има една длабока и тивка лекција. Овој народ многупати се соочувал со тешки моменти, со загуби и со трагедии, но секогаш знаел повторно да се исправи, да ја зачува човечноста и да продолжи напред. Македонија опстоила затоа што луѓето знаат да се обединат кога е најтешко.

Трагедијата во Кочани не може да се избрише од нашата колективна меморија. Но начинот на кој државата одговара на вакви трагедии покажува какво општество сакаме да бидеме, општество кое не ги заборава своите луѓе и држава која стои покрај своите граѓани и кога е најтешко.“, рече Мицкоски.