При неговата посета во Штип, премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за цената на електричната енергија, рече дека се прави нова методологија со која ќе се направи обид цената да остане иста, па дури и да поевтини.
„За струјата правиме методологија да се обидеме да, ако ништо друго, барем да ја задржиме истата цена, а зошто да не и се обидеме да ја поевтиниме“, изјави Мицкоски.
Како што рече тој, откако е оваа влада, нема зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, како и дека состојбата со електричната енергија е стабилна и ќе има стабилна зима и покрај предизвиците што ги посочи, како енергетската криза со војната на Блискиот исток.
„И покрај тоа што сме во пикот на најголемата енергетска криза која што човештвото ја памети, а тоа е војната во Арапскиот залив, и покрај сите тие предизвици, денеска ако ме прашате, јас можам да кажам дека состојбата е стабилна, ќе имаме стабилна зима“, оцени премиерот Мицкоски.
