Туристичкиот сектор во Македонија бележи значителен раст, особено кај бројот на странски гости, изјави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека владините мерки за привлекување туристи почнуваат да даваат резултати.
Одговарајќи на новинарско прашање за тековната туристичка сезона, Мицкоски нагласи дека зголемувањето е забележливо и преку бројот на пристигнувања на аеродромите, но и преку туристичките статистики.
„Владините мерки и владината иницијатива за привлекување на туристи носат резултати. Имаме голем скок кај доаѓањата на нашите аеродроми“, изјави премиерот.
Тој се повика и на последниот извештај „Tourism Watch“ на Светска банка, објавен во јуни 2026 година, во кој, според него, Македонија е рангирана како прва земја во Европа според растот на туристичките пристигнувања и зголемувањето на бројот на странски гости и ноќевања.
„Процентот на раст е 40 отсто во споредба со претходната година. Тоа е големо признание за нас, особено бидејќи туризмот има значајно учество во Бруто домашниот производ“, рече Мицкоски.
Премиерот очекува позитивните резултати од туристичкиот сектор да имаат влијание и врз економските показатели, односно да бидат видливи во податоците за БДП за вториот квартал од годинава.
