Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата презема мерки за ублажување на ценовниот шок кај горивата, кој според него е последица на глобалната криза и воените конфликти на Блискиот Исток.
Тој посочи дека растот на цените на нафтата и нафтените деривати претставува сериозен удар врз семејните буџети на граѓаните, додавајќи дека со слични проблеми се соочуваат и голем број европски држави.
„Не сме исклучок од кризата што се случува во светот. Сите европски држави се соочуваат со ценовни шокови кај горивата, а постои и ризик од зголемување на цената на електричната енергија“, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Владата внимателно ја следи состојбата и е во постојана координација со компаниите што се занимаваат со дистрибуција на нафта и нафтени деривати.
Според него, и покрај кризата, државата досега успеала да обезбеди релативно пониски цени на горивата за граѓаните.
Во моментов, како што информираше, цената на 95-октанскиот бензин изнесува 86,5 денари за литар, 98-октанскиот бензин 88,5 денари, додека дизелот се продава за 92 денари по литар.
Сепак, врз основа на анализите на движењата на берзите, постои очекување дека цените би можеле значително да пораснат. Според владините пресметки, без интервенција бензините би поскапеле за околу 6,5 денари по литар, а дизелот за околу 10,5 денари.
Тоа би значело дека цената на бензините би достигнала околу 93,9 денари за литар, додека дизелот би се искачил на над 102 денари.
Како одговор на ваквата состојба, Владата донела одлука да го намали данокот на додадена вредност за бензинот и дизелот од 18 на 10 проценти.
„Доколку оваа мерка се земе предвид, очекуваме цената на бензините да остане непроменета, додека цената на дизелот би се зголемила за околу три до три и пол денари по литар“, рече Мицкоски.
Дополнително, тој посочи дека Владата веќе разговарала со компанијата OKTA, која одобрила попуст од два денари по литар за трговците со гориво.
Премиерот очекува во текот на денот да се разговара за можноста овој попуст да се зголеми, со што би се постигнало дополнително намалување на цените на бензините за околу три денари по литар, додека цената на дизелот би останала на сегашното ниво од 92 денари.
Мицкоски нагласи дека Владата има подготвено повеќе сценарија доколку кризата продолжи или се продлабочи, со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните.
