Премиерот Христијан Мицкоски од Кавадарци порача дека државата забрзано работи на реформската агенда, со цел до април Македонија да стане најуспешна меѓу земјите од Западен Балкан.
Според него, најголемиот дел од предвидените чекори, кои требаше да се исполнат до крајот на декември, се веќе завршени.
„Мислам дека она што заостануваше, а беше влезено во овој грејс период од една година до јуни 2025, односно 8 или 10 од тие 12 чекори се веќе завршени. Најголем дел од чекорите што требаше да се завршат до крајот на декември се завршени, да видиме што треба да се заврши, да се дозаврши и полека од април да го фатиме чекорот да бидеме најдобри од Западен Балкан. Тоа е нашата цел. Потоа оставаме на самата Европска унија дали ќе дозволи да биде заложник на билатерализација или објективно ќе ги гледа постигнувањата на земјите кои се кандидати за членство“, рече Мицкоски.
Премиерот најави дека викендов или најдоцна до вторник ќе одржи тематска средба за напредокот на реформите, на која ќе се дефинираат преостанатите обврски кои треба да поминат низ Владата и Парламентот.
