Во среда нема ништо значително да се случи, уверува премиерот Христијан Мицкоски во однос на закажаната седница на Уставниот суд на кој треба да се расправа за оспорените одредби од Законот за јазиците. Тој рече дека за ова разговарале со владиниот партнер ВРЕДИ, но истакна дека никој не треба да интервенира во Судот за ваква тековна постапка. Според Мицкоски, ДУИ со своите потези се обидува само да направи поделба по етничка основа за да привлече внимание кон себе.
„И тие знаат добро, ДУИ, бидејќи 20 и кусур години поставуваат уставни судии, секакви судии, дури и тие знаат дека нема ништо да се случи во среда. Па кога нема ништо да се случи во среда бидејќи се знае какви се процедурите на Уставниот суд ќе излезат во јавноста и ќе кажат еве ние правевме притисоци и затоа сега ништо не се случи во среда. Ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои што постојат основани сомневања за сторен огромен криминал.“, изјави Микоски.
Пред одржувањето на седницата за законот за јазиците од Демократската унија за интеграција најавија дека утре ќе решаваат кои ќе бидат нивните следните чекори кои ќе ги преземат, притоа без да се конкретизира дали тоа значи дека ќе организираат и протести. Премиерот Мицкоски вели дека веќе им се познати нивните чекори и дека за тоа се известени и меѓународните партнери.
„Ние сме отпорни на ова и антиципираме. Знаеме кои се нивните чекори, знаеме што планираат да прават и јасно работиме со нашите меѓународни стратешки партнери така да граѓаните ги уверувам да бидат спокојни. Ќе има обиди од истите овие луѓе, верувајте точно ги знаеме кои, точно знаеме со кои групи комуницираат и како комуницираат. Точно знаеме се. Немојте да мислите дека нешто не се знае и ние но и нашите стратешки партнери, бидејќи во оваа работа не сме сами“, рече Мицкоски.
Демократската унија за интеграција деновиве испрати писмо до Соединетите Американски Држави, Европската унија и НАТО во која ги повикуваат да преземат решителна акција за, како што наведоа, да се спречи поткопување на мирот и дестабилизацијата на земјата. Сите да ги сочуваме ладнокрвноста и мирот, повика на социјалните мрежи првиот вицепремиер Изет Меџити тој исто така најави дека на седницата нема да присуствуваат двајца судии. Тоа, како што рече Меџити, ќе значи дека одлуките нема да бидат легитимни. За , Билал Касами, претседателот на Беса , рече дека дека додека ДУИ беа на власт не се интересирале за албанските прашања, но сега, кога дојде време за одговорност, го менуваат пристапот.Касами исто така истакна дека, кога станува збор за албанските прашања, „нека спијат мирно“, бидејќи, како што вели, тие се во сигурни раце, заштитени од вистинските чувари.
