Мицкоски во Вашингтон: „Лобирав за македонските интереси и позиции“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон ги зајакнува контактите со новата американска администрација предводена од Доналд Трамп. Мицкоски се сретна со бизнисменот Крис Павловски, во чија компанија „Рамбл“ има акции новиот потпретседател на САД Џеј-Ди Ванс. Со него разговарале за можностите за инвестирање, а последно премиерот оствари средба и со Девин Нуњез, кој е претседавач со советодавното тело за разузнавање на Трамп.

„Ја искористив можноста за лобирање за македонските интереси и позиции во однос на клучните прашања за нас. Станува збор за високопозиционирани луѓе во американското општество со можност за влијание на прашањата важни за нас“, вели Мицкоски.

Мицкоски ја предводи делегацијата која присуствува на инаугурацијата на Трамп и е придружен од вицепремиерот Изет Меџити, шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, како и заменичката министер за европски прашања Викторија Трајков. Муцунски неодамна нагласи дека средбите во Вашингтон ќе ги искористат и за поддршка на САД за нашата евроинтеграција. Поранешниот амбасадор во САД, Васко Наумовски, во гостување во „Дејли клик,“ истакна дека САД под раководство на Трамп ќе работат на целта за обединување на Европа. Односно, за отстранување на пречките на земјите-кандидатки во Унијата, преку охрабрување на страните да ги надминат споровите.

„Верувам дека новата Влада во Бугарија, заедно со новото раководство во Белата куќа и Стејт департментот, би можела да биде порасположена да се вклучи во еден дијалог со нашата Влада, со цел заеднички да најдеме решение на сите отворени прашања“, изјави Васко Наумовски, поранешен амбасадор во САД.

Според Наумовски, Трамп ги прекршил нормите за инаугурација и поканил повеќе странски лидери да присуствуваат, што не било практика претходно. Освен делегацијата предводена од премиерот, во Вашингтон за церемонијата заминаа и лидерите од Вреди, Арбен Таравари и Зекирија Ибраими, а од коалицијата оценија дека нивното учество на овој настан е доказ за силните врски што ги изградиле со новата американска администрација.