Мицкоски во Вашингтон на инаугурација на Трамп – „Средбите во САД ќе се искористат за евроинтеграцијата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата потврди дека премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, во Вашингтон. Тој ќе биде придружуван од вицепремиерот Изет Меџити, министерот Тимчо Муцунски и заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков. Освен на инаугурацијата, Мицкоски бил поканет и на придружните настани.

„Меѓудругото, делегацијата предводена од македонскиот премиер Мицкоски ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“, велат од владата.

Од коалицијата „Вреди“ се пофалија дека нивното учество на овој настан е доказ за силните врски што ги изградиле со новата американска администрација.

„Зајакнувањето на врските меѓу Скопје и Вашингтон е гаранција за понатамошна поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја, за што лидерите на ВЛЕН секогаш се залагаа и додека беа во опозиција и сега кога се на власт.“, вели Вреди.

Од Владата не споделија детали кој ја испратил официјалната покана што ја добиле за присуство на инаугурацијата на Трамп.

Владиното соопштение следува откако бугарскиот медиум „Лупа“ објави дека посетата на Мицкоски е од приватен карактер и тој нема да присуствува на главниот настан. Во објавата додадоа дека Мицкоски ќе отпатува за Вашингтон по покана на ПР-компанијата „Дашл груп“, со која ВМРО-ДПМНЕ соработувала уште од 2015-тата година.

Додека е неизвесно чија е поканата за инагурурацијата, во последното интервју министерот Муцунски истакна дека средбите во САД ќе бидат искористени за да се зацврстат односите со новата администрација на Трамп, но и да се бара поддршка за евроинтеграцијата.

„Верувам дека преку нивните модуси на функционирање, дипломатски алатки коишто тие ги користат можат да бидат активен четврти чинител во изнаоѓање на решенија на овој предизвик. Секако, клучните три чинители сме ние, соседна Бугарија и Европската Унија“, вели Тимчо Муцунски.

Светските медиуми пишуваат дека поканети на инаугурација на Трамп се повеќе политички лидери со десничарска идеологија, меѓу кои и аргентинскиот претседател Хавиер Милеа, предводникот на Брегзитот Најџел Фараж, поранешниот полски претседател Матеуш Моравиецки , конзервативната италијанска премиерка Џорџа Мелони, претставници на десничарската партија „Алтернатива за Германија“ и други.