Тинекс го продаде „Космо“ на српска компанија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Српскиот синџир парфимерии „Јасмин“ влегува на македонскиот пазар преку преземање на продавниците „Космо“, кои досега беа во сопственост на компанијата „Тинекс-МТ“. Трансакцијата официјално е потврдена денеска, а сите четири продавници ќе продолжат да работат на постојните локации, но под новото име „Јасмин Парфимерии“.

Станува збор за продавниците во трговските центри „Скопје Сити Мол“, „Ист Гејт“, „Дајмонд Мол“ и „Зебра“. Новиот сопственик најавува целосно реновирање на објектите во првите два месеца по преземањето, како и проширување на понудата со нови светски брендови на парфеми и козметика.

Од „Јасмин“ потврдуваат дека вработените во преземените продавници, кои сакаат да продолжат со работниот ангажман, ќе можат да ги задржат своите работни места. Компанијата најавува и понатамошно проширување на бизнисот во Македонија.

„Ги преземаме продавниците заедно со луѓето кои досега управувале со нив. Во Скопје доаѓаме со јасна цел: на купувачите да им понудиме најдобар избор на парфеми и козметика, во модерен амбиент и со професионални совети, како и да го прошириме асортиманот со нови брендови“, изјави сопственикот на „Јасмин“, Драгослав Дражовиќ.

„Јасмин“ е основан во Белград во 1956 година и има мрежа од 27 парфимерии во Србија, со повеќе од 200 вработени. Во неговата понуда се вклучени познати светски брендови како „Шанел“, „Диор“, „Ланком“, „Армани“ и „Ив Сен Лоран“.

Македонскиот синџир „Космо“, пак, започна со работа во 2009 година, како дел од групацијата „Тинекс“, и досега нудеше повеќе од 15.000 производи за козметика, парфеми и лична нега.

Финансиските детали од трансакцијата, односно сумата за која српската компанија го презела бизнисот, не се соопштени. Како инвестициски советник во процесот на купување учествувала скопската компанија „Ахиос“.