Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Берово изјави дека во изминатите две години, од третиот квартал на 2024 година до вториот квартал на 2026 година, Владата креирала 17.000 нови работни места.
Според него, бројот на вработени е зголемен од 691.000 на 708.000. Мицкоски истакна дека, според овие бројки, претходната влада не создала толку многу нови работни места во период од седум години.
Мицкоски рече дека очекува оваа бројка дополнително да се зголеми со отворањето на дата-центрите и придружните индустрии. Тој изрази очекување дека развојот на оваа индустрија ќе создаде можности голем дел од младите кои ја напуштиле Македонија да се вратат во земјата и да го продолжат животот тука со своите семејства.
Тој додаде дека состојбата во Западна Европа веќе не е онаква каква што била пред пет или десет години и дека Македонија треба да го искористи овој момент за развој на економијата. Мицкоски истакна дека Владата има амбиции и, според него, знае во која насока треба да се развива земјата.
На крајот, тој рече дека најголем број нови вработувања се регистрирани во индустрискиот сектор.
