Куповната моќ во Македонија е поголема од многу европски земји и од сите земји земји во регионот. Ова го порача премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за обвинувањата на опозицијата дека граѓаните се потешко живеат.
„Се водеше плитка кампања која потворно беше демантирана и повторно, претпоставувам опозицијата и дел од тие медиуми ќе жалат и ќе бидат разочарани зошто Македонија не е најслаба, туку е многу подобра од неколку земји на ЕУ и од сите земји во регионот, кога станува збор за куповната моќ на граѓаните. Ако тоа се спореди со броијките од пред три до четири години ќе може да се забележи значаен напредок“, порача Христијан Мицкоски.
Слично како премиерот, така и гувернерот Трајко Славески преку социјалните мрежи пред два дена порача дека вредноста на бруто минималната плата во Македонија, мерена во куповна моќ во јули 2026-та, е поголема од седум земји членки на Европската унија и од сите земји од Западен Балкан и Турција.
„Чекајте малку — нели ова го кажав уште во јуни минатата година? На јавниот линч за говорење на вистината одговорив со висок капацитет за апсорпција на омраза“, вели Трајко Славески.
Но, опозициската СДСМ со свое гледиште за овие податоци и ставови на премиерот и гувернерот.
„Гувернерот Славески и Мицкоски нека ја понесат онаа табла на која Мицкоски црта и нека ја презентираат својата статистика пред луѓето што немаат ни леб да им обезбедат на своите деца, па нека ги нахранат со статистика. Народот не гледа во статистика. Народот гледа во фрижидерот и во паричникот“, велат од СДСМ.
Евростат пред неколку дена ги објави најновите податоци за минималната плата во државите од Европската унија и во земјите кандидати. Според стандардите за куповна моќ најголем напредок во јули месец бележат Македонија и Романија кај кои е забележан скок за осум места по што следи Србија која има напредок од пет места.
Македонија со 1.142 единици на куповна моќ е рангирана пред Малта, Словачка, Унгарија и Чешка. Според истата анализа од јануари до јули 2026 година, Македонија забележала најголемо зголемување на минималната плата меѓу анализираните земји со 6,9 проценти.
