Премиерот Христијан Мицкоски очекува Електраните на Северна Македонија да поднесат жалба по одлуката за прекин на истрагата против 13 лица и една компанија за набавка на мазут за термоцентралата Неготино, во вредност од над 160 милиони евра.
Мицкоски вели дека очекува предметот да биде вратен на повторно разгледување, нагласувајќи дека контактирал и со главниот обвинител Ненад Савески, кој изјавил дека не бил информиран за одлуката на Главното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Не можев да поверувам вчера кога ја слушнав таа вест. Бев шокиран од она што го слушнав. Добро е што поранешната ЕЛЕМ, денес ќе…, не денес, но кога ќе ја донесе одлуката, ќе поднесе жалба, и очекувам предметот да биде вратен на разгледување и анализа. Ако ова не се случи, Обвинителството губи кредибилитет. Обвинителството за гонење на организиран криминал, со овој обвинител, го коментиравме тоа, со Ислам Абази, и немам што повеќе да кажам. Јавноста знае за каков обвинител станува збор. Исто така, сакам да кажам дека вчера разговарав со главниот обвинител Ненад Савески на оваа тема, тој ме информираше дека не бил информиран за оваа одлука на интитуцијата која ја води Ислам Абази. Претпоставувам дека по жалбата на ЕСМ предметот ќе биде разгледан и вратен на анализа“, рече Христијан Мицкоски.
Потсетуваме дека во истрагата беа вклучени компанијата „РКМ“, нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и Асмир Јахоски.
Поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски исто така беше осомничен. Обвинителството објави дека нема докази за перење пари, злоупотреба или оштетување на државниот буџет. Според истрагата, набавките биле извршени законски за време на енергетската криза, додека мазутот бил навремено доставен без прекин во производството на електрична енергија. Одлуките, како што нагласуваат, ги донеле Управниот одбор и Надзорниот одбор на ЕСМ, а не се пронајдени нелегални плаќања или прикривање на средства. На крајот од 2024 година, Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 13 лица и една компанија, меѓу кои беше и поранешниот директор на ЕСМ Ковачевски.
