Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис заедно со шефот на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас, денеска напладне ќе излезат со соопштенија за справување со епидемијата, ќе одговараат и на новинарски прашања, а веројатно е дека ќе биде воведен карантин во цела Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас во синоќешното интервју за грчката телевизија „Антена“ откри дека препораката на Комисијата на епидемиолози до Владата „е lockdown во целата земја за следниот месец“, додавајќи дека премиерот „очигледно ќе ја земе предвид оваа препорака“.
Според медиумите во Грција, се очекува Мицотакис денеска да го соопшти планот за целата земја, според моделот воведен во Солун во вторникот, односно целосен карантин со полициски час, без при тоа да бидат затворени основните училишта.
Се чини дека одлуката за нов, втор карантин била донесена вчера попладне со оглед на тоа дека само неколку часа претходно, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас говорејќи во утринската информативна емисија за грчката телевизија „Open“ ги отфрли шпекулациите за воведување целосен карантин во областа Атика.
Завчера пак, рече дека Владата се подготвува и за најлошото сценарио.
