МВР ќе го проверува роденденот на Ахмети, Груби повика да бидат изречени казни – но, кој ќе плати?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Прославата на роденденот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети ќе ја проверува Министерството за внатрешни работи. Дали биле прекршени епидемиолошките мерки за време на прославата во новоотвореното Министерство за политички системи и односи меѓу заедниците.

„МВР согласно своите надлежности, постапува по пријава примена во текот на вчерашниот ден, во врска со која е известен Јавниот обвинител и по добиeните насоки од него, презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.“, велат од МВР.

Пријавата ја поднел Марјан Ненов.

„Бев инспириран од повикот на Министерството за внатрешни работи каде што тие самите бараа од граѓаните да пријавуваат вакви настани. Потоа без инспириран и од казната која што мислам дека неправедно мене ми беше дадена, иако е симболична сепак мислам дека не требаше да бидам казнет. Сметам дека никој не е над законот и дека ако законот важи за мене и за останатите граѓани треба да важи за сите.“, рече Ненов.

Прославата помина, а сега домаќинот Груби за 360 степени вели дека реакциите во јавноста се оправдани, па бара да им бидат изречени казни.

„Жалам што во оваа инстанца не бевме на висината на оваа наша посветеност. Затоа преземаме целосна одговорност, спремни сме да ги сносиме последиците и да ги почитуваме одлуките. Ги повикуваме надлежните институции да изречат мерки кои ќе ги испочитуваме како секој граѓанин“, рече Груби.

Реакциите во јавноста не ба само поради неносењето на заштитна маска и неодржувањето на дистанца, туку и прославата на роденден во државна зграда.

Во изминатите 24 часа поради неносење на заштита на лице регистрирани се 521 прекршоци. Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19.

Во Канада пак политичари поднесоа оставки поради патувања надвор од земјата и покрај повиците на владините претставници да се избегнуваат патувања, доколку не се итни, за време на пандемијата на коронавирус, пренесува Гардијан.