Многу книги, малку читатели на саемот на книга во Гостивар – организаторите велат дека очекувале поголем интерес

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од 21-ви до 25-ти месецов, Гостивар беше домаќин на 12 издавачи куќи, кои беа дел од Саемот на книга. Организаторот Шпенд Бајрами, вели дека целта е оваа културна активност да стане традиција за Гостивар.

„Ова е втора година како го организираме. Јас заедно со мојот колега Шкељзен размислуваме да го претвориме во традиционална манифестација, зајакнувајќи ја рекламата и информираноста, да го прошириме на национално поле. Тоа е нашата цел. Тука се промовираат автори од сите земји, Албанија, Косово, Македонија. Целта е авторите да се запознаат со други автори не само преку книга, туку и преку промотивните вечери“, вели Шпенд Бајрами.

Младата авторка Саранда Мемети, која го промовираше своето прво дело со поезија, вели дека ова е добра можност за промовирање на младите писатели.

„Оваа книга содржи пет циклуси поезија кои ги поделив според неколку теми. Првиот циклус зборува за односот помеѓу поединецот и општеството, а во третиот циклус се фокусирав на периодот на пандемијата, изолацијата и болката што ја преживеавме“, порача Саранда Мемети.

Продавачите на книги велат дека очекувале поголем интерес од читателите. Иако цените беа намалени, сепак гостиварци не покажаа премногу интерес за нивната домашна библиотека да ја збогатат за уште една книга.

„Искрено, очекувањата беа многу поголеми, но всушност интересот е доста слаб. Читатели за жал нема многу, има луѓе, но читатели не. Ова не е добра особина за општеството, но нема што да правиме. Цените се исти, има и 15% попуст. Нема читатели и ова е навистина жално“, вели Арбен Зибери.

Саемот на книга во Гостивар се организира втора година по ред. Организаторите се оптимисти дека оваа манифестација ќе ја зголеми желбата кај луѓето за читање.