Останува во сила апелот на Министерството за надворешни работи граѓаните да се воздржат од патување во земјите од Блискиот Исток, поради, како што оценуваат, сериозно влошената безбедносна состојба. Од Министерството информираат дека вкупниот број на наши државјани, од почетокот на кризата, заинтересирани за евакуација од Израел изнесува 25.
„За утре е потврдена евакуација на четири лица, односно едно семејство (мајка и три деца). Местата се обезбедени преку израелското министерство за транспорт на Израел, во рамки на организираните летови кои се користат за евакуација на странски државјани од Израел. Летот е планиран од Тел Авив до Атина“, велат од МНР.

Од МНР дополнуваат дека се во постојана комуникација со државјаните кои се се уште во регионот. Кризата ескалираше откако во воените дејствија меѓу Израел и Иран се приклучи и САД. Ваквиот потег на официјален Вашингтон беше поздравен и од дел од домашните партии.
„Нашата држава, ВЛЕН ги поддржува напорите на стратешките партнери за заштита на регионалната и глобалната безбедност. Како сериозен политички субјект дел од Владата, сме против ширење и употреба на нуклеарното оружје и нуклеарните закани и во таа насока даваме поддршка на силната и одлучна активност и дипломатија на нашите партнери“, велат од ВЛЕН.

Од ДУИ пак потенцираа дека треба да продолжи непоколебливото партнерство со САД, НАТО и Европската Унија.
„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток и ја поддржува координираната заложба на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници за спречување на ширењето на нуклеарното оружје во рацете на авторитарни режими. Последните случувања покажуваат дека демократскиот свет не може да стои со скрстени раце пред заканата од нуклеарно вооружен Иран“, велат од ДУИ.

Откако беа нападнати дел од нуклеарните постројки во Иран, соседните земји информираа дека кај нив не е регистрирано зголемено ниво на радијација.
