Молк од Алијанса и Алтернатива! – Што се случува со албанската опозициска коалиција?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Молк од Алтернатива. И покрај обидите, сепак не успеавме да добиеме став околу најавите на Алијанса за Албанците дека во вториот изборен круг во Тетово ќе го поддржат Биљал Касами од Беса. ТВ21 и денеска неколкупати се обиде од разни функционери на Алтернатива да добие став, но без успех. Добивме само писмен одговор од портпаролот Орхан Муртезани, кој рече дека сѐ уште ништо немаат дискутирано.

„Ова прашање сѐ уште не е дискутирано во партиските органи. Кога ќе имаме став, ќе го изнесеме јавно“, истакна Орхан Муртезани.

ТВ21 од свои извори дознава дека во Алтернатива има поделени ставови околу поддршката за Биљал Касами кој е претседател на Беса, партија во која некогаш членуваа сегашни членови на Алтернатива, но потоа се поделија во фракција.

Пред камера не сакаа да се произнесат ниту од Алијанса за Албанците. Прашањата кои се поставуваат се – што ќе се случи со коалицијата АА-ААА доколку партијата на Села одлучи да го поддржи Касами во Тетово? Инаку, вчера во Гостивар заедно на ручек беа генералните секретари на Алијанса и Беса, Арбен Таравари и Арјанит Хоџа, но по средбата не открија ништо конкретно околу можна соработка.

„Имавме пријателска средба. Разговаравме за состојбата околу изборите, а за коалициите одлучуваат органите на партијата. Ние имавме комуникација и пред изборите“, истакна Аријанит Хоџа.

„Арјанит случајно помина во Гостивар, испивме едно кафе, ручавме и толку“, вели Арбен Таравари.

Сите овие настани следуваат само три дена по локалните избори на кои Алијанса за Албанците и Алтернатива настапија со заеднички кандидати во општините, меѓу кои и Тетово каде нивниот кандидат Вулнет Мурсели не успеа да помине во вториот круг. На 31 октомври во оваа општина силите ќе ги измерат кандидатот, истовремено и претседател на Беса, Биљал Касами и кандидатката на ДУИ, Теута Арифи, која има предност од 642 гласови. И додека Алтернатива настојува дека не бара поддршка за Касами, останува да се види дали оваа партија ќе молчи во вториот круг или пак можеби ќе побара од своето гласачко тело да гласа за Теута Арифи?!