Во напната атмосфера се одржа рочиштето за случајот Монструм. За петкратното убиство, сведочеше екс директорот за јавна безбедност во МВР, Љупчо Тодоровски познат како Радник. Тодоровски рече дкеа тој и БЈБ немале информации дека таков настан ќе се случи кај Смилковско езеро, иако според бомбите се слуша дека лицето Зоран Трајковски се обидело да ги алармира институциите на земјата и Тодоровски дека во земјата ќе се случи таков немил настан. Тодоровски исто така ги демантираше тврдењата на обвинетиот Азири дека е вршен притисок врз Азири да даде исказ и дека му вршеле тортура.
„Го познавам. Без зачуден кога слушнав дека некој сакал да каже нешто. Со еден збор не сум имал контакт со него, особено пред да се случи настанот“, истакна Љупчо Тодоровски, сведок.
Но Азири останува на зборовите што ги кажал дека тој нема ништо со петкратното убиство.
„Јас имав едно прашање и прашав дали полицијата соработувала со холандската полиција за програма за заштита на идентитетот. Ако не ми кажел тој или неговите луѓе од каде да знам јас дека македонската полиција соработувала со холандската“, додаде Хаки Азири, обвинет.
Новинарско прашање: Дали ви го понудил тоа Тодоровски?
Азири: Да, тоа што го кажувам го кажав и тогаш.
За Монструм сведочеше и екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. На Јанкуловска и го прочитаа делот со бомбите, разговорот во кој таа зборува со Сашо Мијалков и екс министерот за правда Блерим Беџети околу Монструм. Јанкуловска не откри многу за случајот, само рече дека не се сеќава на многу нешта, и дека се што требало да се направи за петкратното убиство, било направено.
Тензиите меѓу Фатиме Фетаи и адвокатот на одбраната, Насер Рауфи почнаа кога обвинетиот Фејзи Азири ја праша Јанкуловска од каде знае чиј е автомобилот кој беше најден на местото на убиството. Фетаи со повишен тон рече дека за ова треба да ги прашаме првообвинетите кои во моментов се недостапни за органите на прогонот. На излегување од судот Фетаи не сакаше да коментира ништо во врска со рочиштето.
Адвокатката на семејствата на жртвите, Дафинка Ивановска рече дека за разлика од претходните сведоци денеска било откриено повеќе за случајот Монструм.
На следното рочиште закажано за в петок ќе сведочи лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вицепремиерот Бујар Османи и поранешниот заменик министер за внатрешни работи, Џељал Бајрами.