Монт Еверест ,,пораснал” за 86 сантиметри

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Монт Еверест, односно највисоката планина во светот, е повисока за 86 сантиметри од досега официјалните податоци, објавуваат Кина и Непал.

Сегашната официјална височина на „Покривот на светот“ би изнесувала 8.848,86 метри, наспроти досегашните 8.848 метри, што беше прифатен резултат од мерењето на индиските научници од 1950-те години.

Ревидираната снежна покривка на врвот на Еверест била заеднички најавена од министрите за надворешни работи на Кина и Непал, Ванг Ји и Прадип Кумар Гјавали по истражувањето од двете земји.

Непалската експедиција којашто беше на врвот минатата година, и кинеската којашто се искачи годинава, новата височина ја измериле користејќи го глобалниот навигациски сателитски систем (GNSS), радари за снимање под површината, скенери, антени и друга опрема која ја носеле со себе.

Тоа е прв пат истражувачите да ја измерат висината од дното до врвот затоа што досега тоа се правело со традиционални тригонометриски методи.

Во Непал, ова мерење е прашање на национална гордост, бидејќи земјата досега се потпирала на мерењата на експерти од странство.

Кристијан Герлах од Баварската академија на науките, експерт за геодезија и глечери, за германската агенција DPA изјавил дека надморската височина не е променета поради новите методи на мерење, но е навистина различна, што може да се должи на поместување на тектонските плочи или топење на снегот.