Со едно минутно молчење и блокада пред Основен Суд Скопје 1, група моторџии излегоа на протест против условната казна за виновникот во сообраќајката кај „Млечен“ во која загина 32-годишниот Гоце Димитриевски, а тешко повредена беше неговата сопруга Наташа, која го загуби и нероденото бебе.
„Судиите кои што носат вакви пресуди и обвинителите кои што ги поддржуваат ваквите пресуди директно влијаат во хаосот на улиците. Тие се директно одговорни за ситуацијата. Ваквите пресуди не смеат веќе да се случуваат. Овој мото протест е опомена до судиите и до обвинителите. Опомена да не продолжат да ги мотивираат луѓето да прават сообраќајни незгоди во кој што невини луѓе гинат“, истакна Сашо Макаловски.
Сопругата на загинатиот Гоце Димитриевски, која претходно иницираше постапки против надлежната првостепена судијка и против обвинителката која го водеше случајот е разочара од правдата , која што и самата е дел од адвокатската фела.
„Советот на јавни обвинители и стручниот колегиум на Вишо јавно обвинителство Скопје на кој што јас немам право на никаков правен лек, на толку образложена претставка тие ми кажаа дека обвинителката постапила законски и согласно прописи. Тоа е срамно за оваа држава и што требаме да одиме до ЕУ“, истакна Наташа Димитриевска.
За министерот за правда Бојан Маричиќ, во овој случај не се исцпрени сите правни лекови и се надева дека правдата ке биде задоволена.
„Прво да расчистиме. Станува збор дека Советот на обвинители утврдува дека нема вина кај обвинителката. Но не се исцрпени сите правни лекови, мислам дека има простор пред Апелација да се обрати странката, и да добие нова шанса“, истакна Бојан Маричиќ.
Васил Чорбаџиев, управувајќи џип, недозволено поминал преку двојна полна линија на коловозот и удрил во младиот брачен пар. Судскиот совет сѐ уште ја разгледува претставката против судијката, а во понеделникот Советот на јавни обвинители ја „ослободи“ колешката од каква било одговорност. Случајот „Млечен“ во моментов е на одлучување пред Апелациониот суд-Скопје, кој треба да одлучи по жалбата на обвинителството.
