Протестот во средното скопско училиште „Панче Караѓозов“ на кој се бараше дополнителна паралелка за насоката медицински сестри, покажа дека оваа година најбарани се медицинските насоки, бидејќи во трите средни скопски училишта, паралелките се пополнети уште во првиот уписен рок. Пополнети се:
-Три паралелки за медицински сестри во “Панче Караѓозов“
-Две паралелки за медицински сестри во “Цветан Димов“
-Две паралелки за медицински лаборанти во “Марија Кири Склодовска“
Големиот интерес за медицинските насоки можеби е поради пандемијата изјави директорот на училиштето “Марија Кири Склодовска“, Блерим Небиу.
„Во првиот уписен рок најголем интерес имаше за медицинската насока. Секоја година има интерес за медицинските насоки, но годинава не знам што влијаело, можеби пандемијата, учениците да се интересираат повеќе за медицинските насоки“, изјави Блерим Небиу – директор на училиштето „Марија Кири Склодовска“
Од медицинските насоки кои се непополнети во првиот рок во ова училиште беа прехранбена технологија, техника за чување на животната средина, техника за хемиски и козметички производи и техничката медицинска насока за грижа. Насоката за прехранбена технологија обезбедува работно место, објаснува директорот Небиу.
„Можноста да се продолжат студиите и втора можност е тоа што со училишната диплома од ова средно училиште директно се вработувате во разни компании. Ние како стручно училиште имаме потпишано меморандум за соработка со компанијата Алкалоид каде учениците можат да продолжат со пракса, а од оваа година новост е тоа што се вработуваат директно од хемиско – технолошката насока“, додава Небиу.
Зошто насоките кои им нудат перспектива на учениците остануваат непополнети, директорот Небиу смета дека е резултат на недостигот на меѓуинституционална стратегија која ќе ги ориентира учениците во изборот на професија. Според него, време е психолозите во училиштата во основните и средни училишта да состават стратегија за професионално ориентирање. Ова ќе им овозможи на учениците зависно од нивните таленти да изберат насока која се бара на пазарот на трудот. Зголемениот интерес за медицинските насоки доаѓа во време кога секоја година имаме намалување на бројот на ученици кои завршуваат основно образование.
