Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе заминат за Брисел да лобираат кај сестрински партии да се прифати новиот Извештај за земјава во Европскиот Парламент, од известувашот Вајц, во кој се потенцира постоењето на засебен македонски идентитет и јазик. Ова го откри премиерот Христијан Мицкоски, кој воедно упати порака и до бугарските европратеници.
„Секој оној којшто ги негира и одбива да ја прифати оваа реалност и овој факт е анти-НАТО и анти-ЕУ.“, рече Мицкоски.
За текстот да биде изгласан, Мицкоски побара да се ангажира и опозицијата.
„Да почнат од денес да вртат на своите сестрински партии кои што имаат европратеници во Европскиот Парламент. Знам дека опозициската СДСМ е дел од едно такво семејство, ги повикувам уште денеска да почнат и да вртат кај сестринските партии.“, вели Мицкоски.

Претходно, во интервју, претседателот на СДСМ Венко Филипче истакна дека партијата е подготвена да помогне за било какво решение за деблокада кое ќе го опфаќа Европскиот Парламент. Тој ова го кажа, коментирајќи го предлогот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, за посебна Декларација.
„Еве ќе се ангажираме во Европскиот Парламент, преку групата на социјалисти и демократи, да еден таков документ, Декларација или како и да се вика тој документ, да тој биде изгласан час поскоро.“, изјави Филипче.

Евроамбасадорот Михалис Рокас пак, не навлегува во детали за можните решенија, но повтори дека посетата на ЕУ челниците Антонио Кошта и Каја Калас е силен сигнал.
„Тие дадоа цврсти изјави, велејќи дека местото на Северна Македонија е во ЕУ семејството и сакаме да направиме се што е неопходно за ова да го направиме реалност и работиме напорно за тоа.“, рече Рокас.

Расправата за Извештајот на австрискиот известувач Томас Вајс се очекува да започне наредната недела, а гласањето е закажано за 4-ти јули. Најголемиот дел од амандманите на текстот на Вајц се од бугарски европратеници. Инаку, Мицкоски додаде и дека засега Бугарија нема одговорено за средбата меѓу Сиљановска и Румен Радев на Самитот на НАТО во Хаг.
