Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, политичките аналитичари Владимир Божиновски и Петар Арсовски ги изнесоа своите ставови околу можноста за одржување предвремени парламентарни избори, при што оценија дека такво сценарио е малку веројатно во 2026 година, но не е целосно исклучено во 2027.
Божиновски посочи дека досегашниот мандат на Владата е релативно краток за да се размислува за предвремени избори, но дека со текот на времето околностите може да се променат.
„Премногу краток е досегашниот мандат за да има предвремени избори. Но веќе следната година ќе бидат изминати околу три четвртини од мандатот и доколку власта оцени дека ги испорачала очекувањата на граѓаните и ја има нивната доверба, може да се размислува во таа насока“, изјави Божиновски.
Тој додаде дека дополнителен фактор може да бидат евентуални придвижувања во решавањето на клучните билатерални прашања, особено односите со Бугарија и напредокот кон Европската Унија.
„Ако има напредок во тие процеси, може да се создадат услови за избори. Не велам дека ќе има, но не може целосно да се исклучи. Сепак, со поголема сигурност може да се каже дека во 2026 година избори нема да има, додека во 2027 шансите се поголеми“, оцени Божиновски.
Арсовски се согласи дека веројатноста за предвремени избори годинава е мала, наведувајќи неколку практични причини.
„Во моментов се водат разговори за изборниот законик. Додека траат тие разговори, не може паралелно да се отвора прашањето за избори. Дури и да пропаднат, потребно е време за целиот процес“, истакна Арсовски.
Тој посочи дека евентуалните измени, како воведување една изборна единица, би барале дополнително време за институционална адаптација, што дополнително ја намалува веројатноста за избори во 2026 година.
Дополнителен фактор, според него, е и буџетот.
„Во буџетот нема предвидена ставка за избори, што значи дека би бил потребен ребаланс. Со оглед на роковите и процедурите, тоа создава дополнителен притисок врз временската рамка“, рече Арсовски.
Тој појасни дека и роковите поврзани со техничката влада играат улога, додавајќи дека кај предвремени избори тие се пократки, но сепак создаваат организациски предизвици.
„Сето тоа прави гужва во календарот за крајот на 2026 година, па веројатноста за избори е многу ниска“, нагласи Арсовски.
За 2027 година, пак, оцени дека шансите се значително поголеми, но клучен фактор ќе биде политичката проценка на владејачкото мнозинство.
„Терминот на предвремени избори најчесто го диктира партијата која има мнозинство во Собранието и ќе ги распише тогаш кога тоа е најповолно за неа. Ако рејтингот на власта е стабилен, нема потреба од брзање. Но ако дојде до пад или ако се појави потреба да се прекине негативен тренд, тогаш веројатноста се зголемува“, заклучи Арсовски.
