Можни ли се сценарија за отфрлање на иницијативата? ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Џафери е клучниот играч да нема референдум

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ подготвува план за да се отфрли иницијативата за организирање референдум, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде се сомневаат за можни сценарија на власта да не се овозможи референдумско изјаснување. Оттаму додаваат дека клучна улога во ова ќе има претседателот на Собранието Талат Џафери.

„Во таквото сценарио главна улога треба да одигра Талат Џафери, кој само ќе го спроведе даденото од Ковачевски. Власта знае дека огромно мнозинство од народот кој ќе излезе на референдум ќе гласа За поништување на Договорот со Бугарија и затоа бега. Ако власта верува дека Договорот со Бугарија е добар и тој наоѓа на поддршка кај народот тогаш зошто се плаши да го стави истиот на референдум“, вели пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Иницијативата за референдум на Христијан Мицкоски прави штета на државата и е против евроинтеграцијата на државата, вратија од СДСМ. 

„Мицкоски по секоја цена дејствува антиевропски и на штета на државните и националните интереси, без било какво чувство за државност, своите политики ги води според личните потреби и интереси. Со иницијативата за референдум, со активните и пасивните блокади Мицкоски сака да го попречи нормалното функционирање на државата, во време на економска и енергетска криза, работи на штета на граѓаните и компаниите“, возвратија од СДСМ.  

ВМРО-ДПМНЕ во петокот и официјално, до Собранието, ја поднесе иницијативата за собирање потписи и отпочнување референдум на која граѓаните би се изјасниле дали се за или против Договорот со Бугарија. Во текот на идната недела Џафери треба да ја достави иницијативата до Законодавно-правната и Комисијата за политички систем за да се произнесат дали таа е уредна или не.