Портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа е еден од гостите во вечерашното издание на ЕуКлик кое се емитува на ТВ21. Тој најпрво зборуваше за донесените мерки од страна на Владата за спречување на вирусот Ковид-19, напоменувајќи дека изолацијата е најуспешната мерка во битката против овој вирус.
-Најпрво за гледачите на ТВ21 да појасниме дека Владата на РСМ, Генералниот кризен штаб на Владата формиран од Владата на РСМ, како и од Комсијата за заразни болести, секој ден одржуваат состаноци на кои се дискутира и разговара околу најновата состојба во врска со коронавирусот. Како што рече и во најавата, на седницата в понеделник Владата донесе дополнителни мерки со цел што поуспешно да се заштитиме од вирусот Ковид-19. Нова мерка е што за викенд воведовме дополнителни 24 часа во изолација, односно забрана за движење на целата територија на земјата. Да разјасниме за сите гледачи – почнувајќи од денеска, петок, од 16 часот забрането е движење на граѓаните на цела територија на земјата, сѐ до 05 часот во вторник. Овие денови, граѓаните на РСМ кои немаат потреба да излегуваат, имаат строга забрана да се движат, односно да излегуваат од дома. Ние им препорачуваме на сите да останат дома, бидејќи станува збор за нивното здравје и за здравјето на сите граѓани во Македонија. Изолацијата е една од најуспешните мерки според епидемиолозите за заштита од пандемијата која ја зафати нашата земја, но и речиси сите европски и светски земји.
