Дел од производните линиии на Алкалоид за производство на шампон се пренаменуваат за производство на дезифициенси со цел да се задоволи големата потреба за овие производи, изјави за ТВ24 генералниот директор на фабриката Алкалоид, Живко Мукаетов.
„Ги пренаменивме машините за производство на шампони. Ќе се работи и во сабота и во недела и од понеделник, целата ситуација со дезинфециенсите на територијата на нашата држава очекувам да се стабилизира. Сосема други компании го креираа пазарот на дезинфециенси во змејава. За жал, тие одеднаш, веројатно по налог на државите од каде доаѓаат и забраната за извоз на нивни производи, немаа можност да ги покријат потребите кои нагло се зголемија. Се создаде една голема дупка на пазарот. Ние се вклучивме, но во овој период најважно беше да одговориме на потребите и барањата на државните институции“, истакна Мукаетов, нагласувајќи како компарација, дека во текот на месец март произвеле дезинфециенси колку во 2017, 2018 и 2019 година заедно.
Производството тече непрекинато и затоа апелира до граѓаните да не прават залихи.
„Имаме сериозни залихи на основните лекови. Значи, од аспект на лекови, дезинфециенси, раствори за дијализа и инфузиони раствори, тоа се четири групи производи кои Алкалоид ги прозиведува, со сигурност можам да кажам дека нив ќе го има. Би сакал да апелирам до граѓаните да не трупаат непотребни залихи, бидејќи имаме доволно. Да покажеме емпатија и солидарност и да купуваме толку колку што ни треба“, изјави Муакетов, кој најави и 40-тина нови вработувања од април за да се постигне зголемениот обем на работа.
