Се предлага намалување на бројот на празниците. Стопанската комора најави дека ќе достави измени на Законот за празници, со кој, како што велат, ќе се зголеми продуктивноста на работниците. Според Анета Димовска проектен менаџер во Стопанската комора, со овој број на празници работодавачите имале организациски и финансиски проблеми, а работниците често пати со спојување на деновите заминувале во соседните држави. Таа рече дека со нивното намалување ќе дојдеме до рамките на европските практики. Со предлогот 11 државни празници остануваат додека од другите верски или денови на заедниците, работниците ќе можеле да изберат три кои ќе ги празнуваат.
-Оние другите кои што се наведени како неработни денови за верници од православна вероисповест, тоа се 5 дена Бадник ден пред Божиќ, 19 јануари Богојавление, Велики петок ден пред Велигден, 28 август Успение на Пресвета Богородица, Духовден петок пред Духовден и понатаму законот вели Курбан Бајрам прв ден на Курбан Бајрам за верниците од муслиманска вероисповед, 22 ноември ден на албанската азбука за припадници на албанската заедница 21 декември ден на настава на турски јазик и така натаму, изјави Анета Димовска, проектен менаџер на Стопанска комора.
Димовска истакна и дека се предлага доколку празникот се падне во недела да нема негово префрлање, односно во тој случај понеделник да си остане работен ден. Запрашана дали за ваквите предлози се консултирале и со Сојузот на синдикатите, таа рече дека не ги информирале.
-На оваа тема не. Предлогот ќе оди до надлежното министерство за економија и труд понатаму тие одлучуваат на каков начин ќе го циркулираат ова. Постои Економско-социјален совет. Очекуваме дека реакции ќе има но потребно е да се разбере дека и ваквата состојба некако не ја бива, изјави Анета Димовска, проектен менаџер на Стопанска комора.
Со предлогот на Комората не се согласуваат од Сојузот на синдикатите.
-Стопанската комора зборувале да кратат празници, а да платат не им се слуша, вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Инаку, бројот на празничните денови се зголеми во 2007 година преку воведување 3 нови државни празници, а како неработни беа воведени и неколку верските празници и денови на заедници.
