Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска пред собраниската Комисија за надворешни работи порача дека државата не може да пристапи кон уставни измени без јасни гаранции и предвидливост на нејзиниот европски пат.
Тој нагласи дека ваквиот став е во согласност со позицијата на Владата, потсетувајќи на изјави од европски претставници, меѓу кои и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој посочил дека земјава треба да добие дополнителни гаранции во процесот на евроинтеграции.
Муцунски истакна дека искуството од изминатите три децении покажува континуитет на отстапки, често од национален карактер, без долгорочна предвидливост. Според него, ваквата пракса ја оправдува потребата од поцврсти институционални гаранции во иднина.
Во обраќањето, министерот се осврна и на односите со Бугарија, оценувајќи дека постојат предизвици кои не се ограничуваат само на уставните измени. Како пример го наведе, како што рече, ретроградниот пристап кон Акцискиот план за малцинства, како и блокадите во рамки на меѓународни иницијативи, меѓу кои и „Трите мориња“.
Тој потенцираше дека државата останува цврсто определена кон европскиот курс, но подвлече дека прашањата поврзани со идентитетот, јазикот и историјата не се предмет на преговори.
„Потребни ни се гаранции дека овие прашања нема да бидат дел од пристапните преговори, ниту услов за напредок“, рече Муцунски, додавајќи дека очекува и соседна Бугарија да ги почитува своите обврски согласно меѓународното право и пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Одговарајќи на пратенички прашања, меѓу кои и од Халил Снопче, министерот оцени дека државата е поблиску до членство во Европска Унија, пред сè поради напредокот во реформската агенда.
„Иако пристапните преговори сè уште не се формално отворени, реформската агенда е значајна алатка која ќе го олесни процесот кога тие ќе започнат“, истакна тој.
Муцунски додаде дека, и покрај напредокот, постојат билатерални политички предизвици кои влијаат врз динамиката на евроинтеграциите, но подвлече дека целта е процесот да се води врз основа на објективни и меритократски критериуми.
Во однос на односите со Бугарија, министерот најави подготвеност за дијалог со новата влада, со цел надминување на спорните прашања и унапредување на соработката, особено во области како инфраструктурата, бизнисот и туризмот.
Дополнително, тој ја поддржа иницијативата за укинување на двојното државјанство кај функционерите, посочувајќи дека актуелниот Закон за надворешни работи веќе предвидува ограничувања во таа насока.
