Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова од Брисел порача дека Северна Македонија треба да се придржува кон договореното од 2022 година и да ги направи неопходните политички чекори за продолжување на евроинтегративниот процес, додека македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски реагираше на нејзините изјави, посочувајќи дека тие немале официјална билатерална средба и дека користењето на терминот „северномакедонски“ е несоодветно.
Петрова-Чамова, која учествуваше на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската Унија, изјави дека имала „добра прва средба“ со Муцунски и нагласи дека бугарската позиција од 2022 година веќе не е билатерално прашање, туку дел од односите меѓу Европската Унија и земја кандидат.
„Овој прозорец за проширување може да се отвори во следните години и ако тие не ја искористат оваа можност, навистина може да загубат“, изјави Петрова-Чамова.
Таа порача дека Софија очекува конкретни чекори од Скопје кои ќе покажат политичка подготвеност за продолжување по европскиот пат, потенцирајќи дека Бугарија останува поддржувач на европската перспектива на земјата.
Според неа, Северна Македонија треба да го почитува договореното во рамките на т.н. „француски предлог“ од 2022 година, кој предвидува внесување на Бугарите во Преамбулата на македонскиот Устав како услов за одржување на следната меѓувладина конференција со ЕУ.
Во рамките на истиот пакет обврски, како што потсети БГНЕС, Скопје треба да го почитува и Договорот за добрососедство од 2017 година, како и двата протоколи потпишани меѓу двете држави. Во нив се предвидени и мерки за борба против говорот на омраза, отворање на архивите на југословенските служби и рехабилитација на жртвите на комунистичкиот режим.
Претходно денеска, Муцунски изјави дека е неопходно да се надмине билатерализацијата на критериумите за членство во Европската Унија.
По изјавите на бугарската министерка, тој преку социјалните мрежи појасни дека немало официјална средба меѓу двајцата министри.
„Имавме кратка размена на зборови на маргините на настан, во присуство на повеќе колеги. Ако едноминутен разговор се нарекува ‘средба’, тогаш денес навистина имавме многу ‘средби’“, напиша Муцунски.
Тој реагираше и на употребата на терминот „северномакедонски“ од страна на Петрова-Чамова.
„Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ. Во дипломатијата, прецизноста не е формалност. Таа е одраз на почит“, истакна Муцунски.
Македонскиот министер додаде дека се надева оти наскоро ќе имаат вистинска средба, во „пријателска и позитивна атмосфера“, насочена кон градење добрососедски односи и заедничка европска иднина.
