Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека од Брисел повторно има иницијатива за организирање средба со Бугарија со цел деблокирање на евроинтегративниот процес на државата.
Во гостување на ТВ Сител, Муцунски нагласи дека фокусот на Владата останува на домашните реформи, кои, како што рече, се позитивно оценети и во ЕУ, при што Акцискиот план за заштита на малцинствата добил поддршка од повеќе земји членки. Сепак, според него, и натаму недостига суштински дијалог за најчувствителните прашања.
Тој потсети дека во декември имало иницијативи од влијателни земји членки за средба со бугарската страна, но без позитивен одговор од Софија, додавајќи дека и сега постои нов обид од Брисел. Муцунски истакна дека Владата е подготвена за разговор во секое време, со цел да ги изнесе грижите поврзани со идентитетските прашања, јазикот, историјата, како и неприменувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
За решение, оцени Муцунски, се потребни добра волја и дијалог во духот на европските вредности, при што потенцира дека за Владата е клучно да се стави крај на националните отстапки и да се обезбеди европски третман за македонските малцинства во земјите членки на ЕУ.
