Муцунски од Вашингтон: Политичкото насилство не смее да стане средство за политички промени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше во Вашингтон на министерска конференција посветена на заканите од политичкиот тероризам, каде што претставници од повеќе од 60 држави разговараа за начините за зајакнување на меѓународната соработка во справувањето со современите безбедносни предизвици.

Конференцијата се одржа на покана на американскиот државен секретар Марко Рубио, а во своето обраќање Муцунски предупреди дека насилството насочено кон замолчување на политичкиот говор, заплашување на избрани претставници, граѓани и институции претставува сериозна закана за демократијата и во најтешките форми може да прерасне во тероризам.

Тој истакна дека демократските општества треба да се темелат на слободна дебата и различни ставови, но дека политичкото насилство никогаш не смее да биде прифатено како средство за политички промени.

Осврнувајќи се на состојбите во Западен Балкан, Муцунски нагласи дека регионот останува чувствителен на вакви безбедносни ризици, поради што е неопходно подобро следење на процесите на радикализација, откривање на финансиските и логистичките мрежи што ги поддржуваат, како и утврдување на евентуалното влијание на надворешни фактори врз внатрешните тензии.

Министерот посочи и дека дигиталниот простор значително ја променил природата на заканите, овозможувајќи радикализацијата, пропагандата и координацијата на насилни активности да се одвиваат преку граници и во реално време. Затоа, според него, неопходна е поинтензивна размена на разузнавачки информации, поблиска соработка меѓу безбедносните служби и заеднички активности против дигиталната радикализација.

Тој нагласи дека Северна Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на Соединетите Американски Држави, останува подготвена активно да придонесе во меѓународните напори за спречување на политичкиот тероризам и зајакнување на безбедноста.

Во рамки на посетата на Вашингтон, Муцунски оствари и работна средба со израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар. На средбата беше потврдена добрата билатерална соработка меѓу двете земји, како и заедничката заложба за нејзино понатамошно продлабочување.