Муцунски: Разговорите со ЕУ продолжуваат – нема конкретно решение, но ни отстапки за идентитетот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Комуникацијата со земјите членки на Европската Унија, европските институции и со Бугарија е континуирана, уверува министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Сепак, деталите од разговорите не се објавуваат јавно, со цел да не се наруши процесот, бидејќи, како што рече, јавните преговори не би довеле до посакувано решение.

„Немаме друга алтернатива освен да бараме решение“, изјави Муцунски, притоа нагласувајќи дека нема да се прават никакви отстапки во однос на македонската историја и идентитет.

„Јас мислам дека има позитивен импулс за изнаоѓање решение, но нема решение што можеме да го претставиме пред јавноста. И дури за нешто да не се согласат сите страни вклучени во кој било процес, тогаш имате само разговори. Во овој момент не би сакал да се претворам во рецензент на прашањето дали сме блиску или далеку од решение“, рече Тимчо Муцунски.

Муцунски изјави дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка и дека целосно се согласува со ставот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, според кој во содржината на Преговарачката рамка не постои ниту експлицитна, ниту имплицитна одредба што се однесува на моментот на стапување во сила на уставните измени.

„Мојот став како министер за надворешни работи е дека протоколите… да повторам, тоа е називот на записниците од разговорите… некој одлучил да се наречат ‘протоколи’. Зошто тоа е направено, еве и во тоа да не навлезам. Тие по наше толкување, тие не се дел… според моето толкување, и како министер за надворешни работи, но и како правник, е дека тие не се дел од Преговарачката рамка.“, вели Тимчо Муцунски.

На ова реагираше поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.

„Еве четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам и повторувам. Еден чекор е поминат – Протоколот не е дел од рамката.“, вели Бујар Османи.

Во однос на нон-пејперите што се појавија во изминатите месеци, Муцунски изјави дека во Европската Унија веќе се водат интензивни дебати за политиката на проширување, бидејќи актуелниот систем се оценува како застарен модел што бара сериозни промени, особено по руската агресија врз Украина, настан што повторно го постави проширувањето меѓу главните приоритети на Европската Унија.