Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски на заедничка прес-конференција со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, кој е во прва официјална посета на земјава, рече дека Македонија во моментов не е подготвена за уставни измени.
„Во однос на билатералните односи со Бугарија, сакам да бидам кристално јасен. Во овој контекст нашата држава не е подготвена за уставни измени. Има недостиг на доверба и недостиг на кредибилитет во однос на испораката кон нас како држава, така што во овој момент услови за уставни измени нема и Владата не е подготвена да преземе било каков чекор кон уставни измени“, изјави Муцунски, и додаде:
„Дали ние правиме конкретни работи поврзани со нашата европска перспектива, не сакам да бидам репетитивен, бидејќи ова е тема што е многу актуелна во последниот период. Да, правиме. Првото е тоа што го правиме во однос на Реформската агенда. Второто е тоа што го правиме во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика, но многу повеќе е тоа што го правиме за имплементација на европските вредности. И на крајот на денот, слично со тоа што кажа и господинот Берсе – за објективната посветеност на нашата држава кон европските вредности, коишто се некогаш дури и поширок контекст од примената на заедничката надворешна и безбедносна политика“, кажа Муцунски.
