Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска престојува во Софија каде што учествува на Состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува под бугарското претседавање со оваа регионална иницијатива.
Средбата е организирана по повод одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на ПСЈИЕ и се одвива под мотото „Заеднички компас за стабилен, безбеден и одржлив регион – 30 години регионална сопственост и европска аспирација“.
Во фокусот на дискусиите се европската перспектива на регионот, унапредувањето на регионалната соработка, прашањата поврзани со безбедноста и отпорноста, како и економскиот развој и конкурентноста во услови на сложени геополитички околности.
Во своето обраќање, Муцунски оцени дека ПСЈИЕ претставува еден од најзначајните механизми за политички дијалог и соработка во регионот.
„ПСЈИЕ останува една од највредните автентични рамки за регионална соработка. Тоа е платформа создадена од регионот, водена од регионот и одржана од уверувањето дека заедничките предизвици бараат заеднички одговори“, рече тој.
Зборувајќи за актуелните безбедносни и геополитички предизвици, тој нагласи дека во услови на војна во Европа, хибридни закани, дезинформации, енергетска несигурност и сајбер-напади, европската интеграција и регионалната соработка добиваат уште поголема тежина.
„Проширувањето веќе не е само технички пристапен процес, туку стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа. Безбедна и просперитетна Европа не може да биде целосна без целосна интеграција на Западен Балкан“, изјави Муцунски.
Тој ја повтори посветеноста на државата кон членството во Европската Унија, истакнувајќи дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од почитување на обврските, предвидливост и принципот на заслуги.
„На Западен Балкан му е потребен европски пат заснован на резултати, а не на постојано одложување“, нагласи министерот.
Покрај тоа, тој посочи дека Совет за регионална соработка има важна улога во унапредувањето на економската интеграција, поврзаноста, безбедносната соработка и одржливиот развој во Југоисточна Европа.
Муцунски додаде дека Северна Македонија останува фокусирана на развој на транспортната, енергетската и дигиталната инфраструктура, како и на зајакнување на поврзаноста преку Коридорот 8 и Коридорот 10, кои имаат стратешко значење за регионот и европската интеграција.
„Човечкиот капитал е нашиот најголем ресурс. Без инвестирање во луѓето, ниту еден инфраструктурен проект и ниту една економска реформа не можат да го достигнат својот целосен потенцијал“, порача тој.
На состанокот, како што беше наведено, е усвоена и Заедничка декларација со која се потврдува поддршката за европската интеграција на регионот, добрососедските односи, демократските вредности и заедничките напори за поотпорен и поконкурентен регион.
ПСЈИЕ, основан во 1996 година во Софија, претставува најстара регионална платформа за политички дијалог и соработка во Југоисточна Европа, која во изминатите три децении придонесува за зајакнување на довербата, стабилноста и европската перспектива на регионот.
Во рамките на истиот настан, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска исто така учествува во Софија на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од ПСЈИЕ. Таа ќе се обрати на пленарната сесија посветена на темата „Компас кон стабилност, безбедност и одржливост“.
На маргините на Самитот се предвидени и билатерални средби со в.д. претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, како и со в.д. претседателката на Косово, Албулена Хаџиу.
