СДСМ обвини за нефукционирање на хируршките сали, МЗ реагира: Сите сали на Клинички се во целосна функција!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По денешната прес-конференција на опозициската СДСМ, на која обвинија дека неколку хируршки сали на Клиничкиот центар не се во функција, Министерството за здравство информира дека во моментов сите хируршки сали во клиничкиот центар се во целосна функција. 

Според соопштението на МЗ, од клиниките за торакална хирургија, кардиохирургија, урологија, детска хирургија, пластична хирургија, дигестивна хирургија и ОРЛ информираат дека непречено ги третираат сите пациенти, вклучително и пациентите предвидени за елективни оперативни зафати. Во овие клиники нема одложување на оперативната програма. На Клиниката за ТОАРИЛУЦ во моментот се згрижуваат итните пациенти, согласно тековната организација на работата.

Според најновите информации, резервниот (back-up) систем за климатизација функционира непречено и обезбедува соодветни услови за работа и третман на пациентите во клиниките. Инаку, бројот на хируршки интервенции бележи намалување во летниот период, што е вообичаена појава и не е поврзана со состојбата на системот за климатизација – велат од Министерството за здравство.

„Апелираме сите информации поврзани со функционирањето на здравствениот систем да бидат претходно проверени, со цел да се избегне создавање непотребна загриженост кај граѓаните“, се вели во соопштението на Министерството.

Претходно, Рената Младеновска од СДСМ изјави дека сред лето, на пеколни температури, хируршките сали во Клиничкиот центар не работат и дека системот е во дефект.

„Се откажуваат однапред закажаните операции и оние за кои е проценето дека не се итни. Откажани се операции на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар. Ова е уште еден доказ за целосната негрижа и неспособност на оваа Влада и на Министерството за здравство, да обезбедат елементарни услови за функционирање на здравствениот систем“, рече Младеновска.

Според неа, кога во хируршките сали нема услови за работа, не се одложуваат само операции, се одложуваат нечии надежи за оздравување, се продолжува нечија неизвесност, се доведува во прашање безбедноста на пациентите.

„Кој гарантира дека одложувањата се безопасни, кој ќе сноси одговорност ако се случчат компликации поради чекање за операција На една Влада, секој пациент треба да и биде важен. Здравјето и нечиј живот не смее да се третираат селективно“, рече Младеновска, која побара „итно санирање на дефектот и оспособување на хируршките сали за сите пациенти“.