На 2 јуни стратешки дијалог на САД со Македонија, Донфрид: Предолго се одолговлекува започнувањето на преговори со ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

САД силно ги поддржува аспирациите на Македонија за членството во Европската унија, ова беше порака што од Вашингтон ја пренесе помошник државниот секретар на САД Карен Донфрид која во посета на земјава пристигна заедно со специјалниот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар. Донфрид потенцира дека се очекува продолжување на активностите со Македонија и глобално, но и меѓу владите за безбедносни, енергетски прашања и споделување информации и најави дека на 2 јуни во Вашингтон ќе се одржи стратешки дијалог меѓу претставниците на Владите на двете земји.

„Веќе предолго се одолговлекува одржувањето на првата Меѓувладина конференција, вие исполнивте тешки задачи, ги исполнивте потребните реформи и заслужувате брзо да напредувате. Ова сме го кажале веќе и ќе го повторам, иднината на Северна Македонија е во Европската унија. Вашето пристапување ќе донесе поголема стабилност на Балканот и поголем просперитет во Европа“, вели Донфрид.

Претстојниот стратешки дијалог што ќе се одржи на 2 јуни во Вашингтон ќе значи зајакнување и продлабочување на односите, а Македонија ќе стане прва земја од Балканот што започнува стратешки дијалог со САД, рече Османи.

„Продлабочувањето на соработката со САД и зајакнувањето на американското присуство во нашиот регион е многу значајно, особено во контекст на актуелните безбедносни ризици како последица на руската агресија во Украина. Војната во Украина демонстрираше јасна потреба за внесување нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан. Процесите на проширување на Европската унија претставува и безбедносна политика и оттука членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за регионалната и европската безбедност и стабилност“, вели Османи.

А денеска и претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со неговиот украински колега Руслан Стефанчук, порача дека Македонија се приклучува кон иницијативата на НАТО членките и на Европската унија за финансиска и воена помош на Украина.

„Република Северна Македонија безрезервно се приклучи кон сите рестриктивни мерки преземени од меѓународната заедница кон Руската федерација и тоа ќе продолжи и понатаму да го прави. Истовремено Република Северна Македонија се приклучи кон иницијативата на НАТО членките и на Европската унија за финансиска и воена помош на Украина. Секако ќе се приклучиме и кон намерите за обнова на Украина по завршувањето на оваа бесмислена војна“, вели Џафери.

Инаку високата американска делегација на чело со Карен Донфрид имаше средби и со претседателот на државата Стево Пендаровски, со премиерот Димитар Ковачевски и со министерката за одбрана Славјанка Петревска.