Американската актерка Хајден Панетјер, позната по улогите во сериите „Херои“ и „Нешвил“, почина на 36-годишна возраст. Нејзината смрт ја потврди нејзиниот претставник, а семејството побара приватност во овие тешки моменти.
Панетјер ја започна актерската кариера уште како дете, а светската слава ја стекна со улогата на Клер Бенет во популарната серија „Херои“. Подоцна играше и во музичката драма „Нешвил“, каде што го толкуваше ликот на пејачката Џулиет Барнс. За оваа улога доби две номинации за „Златен глобус“.
Актерката остави трага и на големото платно, со настапи во филмовите „Запомнете ги Титаните“, „Ледената принцеза“, „Крик 4“ и „Крик 6“. Нејзиниот последен филмски ангажман беше во психолошкиот трилер „Sleepwalker“, кој беше објавен во 2026 година.
Панетјер беше позната и по нејзината врска со поранешниот светски боксерски шампион Владимир Кличко, со кого ја има ќерката Каја. Во мај годинава таа ја објави својата мемоарска книга „This Is Me: A Reckoning“, во која отворено говореше за тешкотиите со кои се соочувала во приватниот живот.
Засега не е соопштена причината за смртта. Според достапните информации, околностите се истражуваат, а семејството на актерката побара јавноста и медиумите да ја почитуваат нивната приватност.
