Стампедо во храм во Индија, загинаа седум лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во стампедо во хиндуистички храм во источната индиска држава Бихар во неделата загинаа седум лица, а повеќе од десетина беа повредени. Властите велат дека пукнат електричен кабел предизвикал паника кај илјадници верници, јавува АП.

Несреќата се случила во храмот Ашок Дхам во округот Лакисараи во источна Индија. Илјадници верници се собрале да се молат на третиот понеделник од Шраван, еден од најсветите месеци во хиндуистичкиот календар. Периодот, кој трае од јули до август, е посветен на обожавањето на богот Шива и е обележан низ цела Индија со пост, молитви и фестивали за време на сезоната на монсуни.

Локалниот службеник Шајлендра Кумар потврди дека повеќе од десетина луѓе се однесени во владина болница на лекување. Тој додаде дека точната причина за стампедото сè уште се истражува. Според првичните извештаи, електричен кабел се скинал пред храмот околу 6:30 часот наутро, предизвикувајќи паника додека верниците почнале да се растеруваат, плашејќи се од електричен удар.

Новинската агенција „Прес траст оф Индија“ ја пренесува изјавата на Кумар дека под притисок на толпата, дел од заштитната ограда попуштил, по што луѓето почнале да се паѓаат едни врз други.

Несреќи како оваа се чести во Индија за време на религиозни фестивали. Ваквите настани собираат стотици илјади, понекогаш милиони луѓе на мал простор, а безбедносните мерки и контролата на толпата честопати се несоодветни. 

Во јануари минатата година, најмалку 30 лица загинаа кога десетици илјади хиндуси се искапија во светата река за време на фестивалот Маха Кумб, најголемиот религиозен собир во светот. Слична трагедија се случи во 2013 година во државата Мадја Прадеш. Најмалку 115 лица беа згазени или удавени во реката откако аџиите паничеа поради гласините за уривање на мост.