Ќе има артилериска стрелба во Скопје, но не се вознемирувајте: Армијата одбележува 34 години од формирањето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По повод Денот на Армијата, во касарната „Илинден“ во Скопје, вечерва во 19 часот, единицата на артилерискиот баталјон на Армијата ќе изведе церемонијална артилериска стрелба, со 10 плотуни од 6 артилериски орудија. Претходно, во 18 часот, ќе се одржи пробна стрелба со еден плотун од 6 истрели.

34-годишнината од формирањето на Армијата ќе биде одбележана и во касарната „Јане Сандански“ во Штип, со дефиле на Вториот пешадиски баталјон и други единици на Армијата.

На церемонијата, како што информираа од Генералштабот, ќе присуствуваат претставници на највисокото командување на Армијата, градоначалници на општините од зоната на одговорност на Вториот пешадиски баталјон, директори и раководители на претпријатија и јавни институции во Штип, како и претставници на верските заедници.

18 август е избран за Ден на Армијата бидејќи на 18 август 1943 година, на планината Славеј, бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета за првата организирана воена формација.

Процесот на формирање на современата македонска Армија започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, заедно со раководството на ЈНА, го потпиша договорот за повлекување на федералната армија од територијата на Република Македонија.

Денес, Армијата на Република Северна Македонија е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем, откако Република Северна Македонија во март 2020 година стана 30-та полноправна членка на НАТО.