На Божиќ се роди првото бебе во Делчево, се вика Ајлина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Делчево ја започна новата 2026 година со радосна вест – се роди првото новородено бебе, малата Ајлина од селото Тработивиште. Таа е родена на 7 јануари во болницата во Штип и претставува симбол на надеж и нов почеток за општината.

Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, со особена радост го посети домот на семејството Беќирови и ѝ го врачи традиционалниот подарок за првороденото бебе во годината – еднократна парична помош во износ од 10.000 денари. На семејството им беше доставено и седиште за бебе, како донација од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

„Делчево се радува на секое новородено, бидејќи тоа е најголем дар за заедницата. Како одговорна општина, продолжуваме да создаваме услови за секое дете да расте безгрижно и да има еднакви можности за развој“, истакна Гоцевски, упатувајќи честитки до родителите и желби за среќно и исполнето детство на малата Ајлина.

Од Општина Делчево најавуваат продолжување и унапредување на мерките за поддршка на младите родители. Освен еднократната помош од 10.000 денари за првороденото бебе во годината, од 2026 година финансиската поддршка за секое новороденче е зголемена и ќе изнесува 4.000 денари.