Изборите се распишани и ќе се одржат на 17 октомври, но политичките партии не ја исклучуваат можноста за измена на Изборниот законик. Артан Груби од ДУИ, вели дека доколку тоа влијае врз Извештајот на ЕУ наесен, тогаш политичките партии треба да се мобилизираат за промена на Изборниот законик.
-Ако е потребно да се усвојат измени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР бидејќи тие се барање на ЕУ и меѓународната заедница кое би се одразило и врз Извештајот наесен, тогаш зошто да не се мобилизираме сите и не ги усвоиме измени на Изборниот законик кој би бил согласно препораките на нашите меѓународни пријатели-вели Груби.
Христијан Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ уште од март е подготвена за гласање на измените.
Од СДСМ пак порачуваат дека измените на Изборниот законик можат да се направат во текот на август.
Од опозициската Алијанса за Албанците се на став дека предлог-законот за изменување на Изборниот законик е одговорност на власта, додавајќи дека треба да се спроведат препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Инаку, собранискиот спикер, Талат Џафери вчера рече дека не верува оти некоја партија ќе иницира измени на Изборниот законик сега во пресрет на изборите.
