Од Самитот на НАТО во Брисел, отпатува во Братислава за да учествува на форумот ГлобСек. Само што заврши тука, набрзина кон аеродромот за да се врати во Скопје.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи се врати за да учествува на закажаната седница на Собраниската комисија за надворешни политики. Таму ќе реферира за преговорите со Бугарија.
Пречекот на словачкиот аеродром го искористи да го разгледа говорот што ќе го прочита пред пратениците. Исто и во службениот авион на Владата кој мораше да го земе заради ефикасност со времето. Но зошто беше толку итно сето тоа? Шефот на дипломатијата се надева дека со тоа барем ќе ги спречи протестите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Сакајќи да се затвори оваа блокада на улиците која ги ограничува и спречува граѓаните, одлучив да се вратам, да отидам неколку часа во Скопје, да реферирам пред Комисијата, се надевам дека ќе имаат разбирање за овој наш гест, да бидеме транспарентни пред пратениците но и на некој начин да ги информирам пред утре да заминам во Софија каде ги имаме последните разговори во овој јунски обид за деблокирање на процесите и се надевам дека потоа ќе имаат разбирање за деблокирање на процесите кои ги блокираа со амбасадорите“, посочи Османи.
Македонската опозиција ја обвинува Владата дека преговорите меѓу Скопје и Софија се прават тајно и на штета на националните интереси. Османи уверува дека доколку има договор со Бугарија, пред одобрување на истиот, ќе ја известат опозицијата, истото ќе го сторат и доколку не се постигне согласност, но додава дека е важно да се има доверба. Во 15 часот беше во Скопје. По неколку минути во Собрание, каде веќе Комисијата беше собрана и чекаше. Што се однесува до преговорите, признава дека тие се поинтензивни во последно време, но дека националните интереси не се загрозени.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ потсети дека има 10 месеци како не се појавил пред комисијата. Пратеникот Љупчо Пренџов праша зошто Собранието не е известено што се случувало во официјалните и неофицијалните дипломатски контакти, за дадените понуди од високи функционери на ЕУ и земјите членки.
