Премиерот на државата Димитар Ковачевски за понеделник закажа лидерска средба во Собранието, а за оваа средба најави дека ќе испрати покана до сите политички партии застапени во Собранието.
На оваа средба, како што најави премиерот, ќе се разговара за евроинтеграциите, претседателските и парламентарните избори, како и за измените на Изборниот законик согласно предлозите на ОБСЕ/ОДИХР. Но, покрај овие теми, ВМРО најави дека ќе го покрене и прашањето за техничката влада,за нејзино укинување.
Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, причина за укинувањето на техничката Влада е договорот меѓу СДСМ и ДУИ за премиер Албанец. Според Димовски, не е во ред владата да ја води член на партија која, како што вели, има афери поврзани со корупција.
Гостин во емисијата Клик Плус беше и Андреј Петров, поранешен пратеник на СДСМ. Иако до сега од СДСМ официјално го бранеа договорот со ДУИ, според Петров, техничката влада треба да се укине надевајќи се дека тоа ќе се направи уште на следните избори.
Потсетуваме дека пред неколку дена потпретседателот на ДУИ Бујар Османи во Клик Плус изјави дека кога ВМРО зборува против техничкиот премиер Албанец, тие всушност се против Албанците и етничката еднаквост, но според него, тие не се осмелуваат да го кажат тоа отворено. Инаку договорот меѓу СДМ и ДУИ е се уште на сила и истиот постојано го бранат и ДУИ и СДСМ. Сите сомнежи се очекува да бидат разрешени во понеделник на лидерската средба која е закажана во 12 часот во Собранието. Доколку се постигне договор за заеднички избори, тие би се одржале на 8 мај 2024 година.
