Ознаките МК на регистарските таблички на возилата до 12-ти овој месец треба да бидат сменети со налепница на која пишува НМК, согласно дел од одредбите на Преспанскиот договор. Граѓаните се прашуваат дали повторно ќе се случи да треба да чекаат ред, сега за налепници. Од МВР велат дека тие ќе се подигаат во станицата за техничкиот преглед и ќе бидат бесплатни, а постапката ќе биде едноставна со тоа што сопственикот на возилото ќе ја подигне на шалтер и самиот ќе ја залепи на регистарската табличка.
Но, што ќе се случи со оние кои нема да успеат да си набават налепница по 12 февруари. Претходно министерот Спасовски рече дека за оние кои немаат НМК ознака не се предвидени казни, но сепак, како што е случај со пасошите, тие возила нема да можат да излегуваат надвор од државата.
„Со цел да не мора да се менуваат табличките, иако е тоа обврска од Преспанскиот договор, Министерството за внатрешни работи најде решение тоа да се надмине со лепење врз онаму каде што пишува МК да се залепи фактички налепница НМК и фактички тоа ќе биде решението да не се изложуваат граѓаните на дополнителни трошоци и овие налепници зависно од обемот на табличката ќе чинат од 30 до 50 денари“, вели Тони Ангеловски.
При менувањето на личните документи со новото име граѓаните се соочија со огромни гужви и чекања пред шалтерите на МВР при поднесување барање за промена но исто така и за подигање на новите документи. Од МВР известија дека за жителите на град Скопје полициски службеници ќе им ги доставуваат новите документи до нивните домови. Како што информира Ангеловски досега била до домашна адреса биле доставени околу илјада документи.
„Од минатиот понеделник функционира доставата на домашна адреса, ова е само за територија на град Скопје.Се разбира овој период на достава е седум дена. Полициските службеници во тој рок од 7 дена ќе дојдат неколку пати да ве најдат на вашата домашна адреса. Доколку лицето не биде најдено тогаш личниот документ се враќа во МРТВ и граѓанинот ќе може слободно да го земе од зградата на МРТВ“, додаде Тони АНгеловски.
Со Преспанскиот договор преземена е обврска за промена на документите во кој Република Македонија треба да се замени со Република Северна Македонија. Голем дел од граѓаните се уште не ги смениле пасошите, но иако беше упатено барање до Грција да се пролонгира рокот, од официјална Атина јасно стави на знаење дека не прифаќа пролонгирање на рокот бидејќи сме имале доволно време да ги смениме документите. Од друга страна пак Грција досега не презела ништо за исполнување на нејзините обврски од Преспанскиот договор.
