Судиите на Федералниот апелационен суд едногласно донесоа одлука во корист на закон кој потенцијално би можел да му забрани на Тик-Ток да работи во САД.
Законот, кој Конгресот го усвои во април и го ратификуваше претседателот Џо Бајден, бара од кинеската компанија „Bytedance“ да го продаде својот удел во Tik-Tok за да може мрежата да продолжи да функционира во САД.
Во спротивно, на Tik-Tok ќе му биде забранет пристапот до онлајн продавниците за апликации, а на постоечките американски корисници ќе им биде забранет пристапот.
„Разбираме дека оваа одлука има значителни импликации за Тик-Ток и неговите корисници, бидејќи ќе го оневозможи пристапот до социјалната мрежа во САД. Како резултат на тоа, милиони корисници на Tik-Tok ќе мора да најдат алтернативен медиум за комуникација“, изјавија од тричлената комисија.
Следниот чекор на „Тик-Ток“ е жалба до Врховниот суд, а извори од компанијата потврдија дека наскоро ќе биде поднесена жалба.
Новиот американски претседател Доналд Трамп, по вселувањето во Белата куќа на 20 јануари, може да го продолжи рокот за 90 дена во зависност од тоа „дали има напредок“ и дали е потребно повеќе време за да се заврши продажбата.
За време на претседателската кампања Трамп изјави дека ќе го „спаси Тик-Ток“ од забраната доколку биде избран, но мислењата на многу негови соработници и членови на кабинетот се поделени по ова прашање.
Тик-Ток се жали пред судот дека присилната продажба на платформата е неуставна и го прекршува Првиот амандман и дека кинеските власти немаат влијание врз алгоритмите на социјалната мрежа.
Лансиран во 2018 година во САД, популарноста на Тик-Ток експлодираше за време на пандемијата, како што беше потврдено од бројката од 170 милиони корисници во САД, особено кај помладата популација. Апликацијата користи алгоритми за препорачани содржини кои многу брзо се прилагодуваат на интересите на корисникот.
