Големи се шансите по парламентарните избори на 8 мај да се формира владиниот состав со прекршување на принципот „победник со победник“. Врз основа на резултатите од претседателските избори на 24 април, каде Европскиот фронт имаше водство од околу 40.000 гласа против коалицијата ВРЕДИ, може да се случи Европскиот фронт да добие повеќе пратеници, но коалицијата ВРЕДИ да влезе во Владата. Тоа е затоа што ВМРО-ДПМНЕ претпочита да ја има ВРЕДИ за коалициски партнер.
Наим Бајрами од Европскиот фронт вели дека во демократијата мора да се почитува партијата или коалицијата што добила легитимитет од народот. Тој предупредува дека нема да има влада без пратениците на Европскиот фронт.
Но за Изет Меџити од ВРЕДИ, ЕФ веќе не може да се нарече национален концепт туку граѓански, бидејќи во составот има и турски, ромски и бошњачки партии. Единствена опција како албански концепт вели дека е само ВРЕДИ.
Инаку договорот за коалицирање според начелото победник со победник беше потпишан во мај 2007, откако во 2006 ВМРО-ДПМНЕ во влада влезе со ДПА иако ДУИ победи на парламентарните избори. Оваа влада имаше мандат само 2 години. Ова начело за прв пат беше прекршено во 2016 кога на изборите победи ВМРО-ДПМНЕ но ДУИ за коалиционен партнер ја избра СДСМ.
