Над 400 гранати од Втората светска војна пронајдени во Франција по големите пожари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од 400 гранати и други неексплодирани убојни средства од Втората светска војна се пронајдени во селото Ле Порж, во југозападниот дел на Франција, откако жителите се вратија во своите домови по катастрофалните пожари што ја зафатија областа минатиот месец.

Акцијата за нивно отстранување ја спроведоа специјалисти на Цивилната заштита, откако веднаш по гаснењето на пожарите жителите и локалните власти слушнале серија експлозии во регионот. Токму тие експлозии ги довеле тимовите до локацијата каде што неколку дена претходно биле откриени 75 гранати.

Според раководителот на единицата за деактивирање бомби во Бордо, Филип Делемот, екстремно високите температури предизвикани од пожарите активирале дел од закопаната муниција, со што било откриено нејзиното присуство. Меѓу пронајдените експлозивни средства имало француски и германски минофрлачки гранати.

Од безбедносни причини, властите веднаш воспоставиле заштитен периметар околу локацијата, бидејќи евентуална експлозија можела да исфрли метални парчиња на растојание од неколку стотици метри.

По завршувањето на безбедносните проверки, локалните власти им дозволиле на жителите да се вратат во своите домови. Сепак, во некои крајбрежни подрачја во близина на селото сè уште има активни жаришта, иако ситуацијата се смета за ставена под контрола.

Пожарите што ја зафатија Франција минатиот месец принудија поголем дел од околу 3.500 жители на селото да ги напуштат своите домови. Досега огнената стихија уништила повеќе од 160.000 хектари земјиште, а се смета за најголемиот пожар некогаш регистриран во земјата.