Над 50 граѓани со скршеници од мразот во Тетово, од одделот за ортопедија апелираат на внимателност

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Врнежите од снег и ниските температури ги покрија улиците и тротоарите со мраз, поради што одреден број граѓани се пожалија на фрактури. Само во Клиничката болница во Тетово помош побарале над 50 пациенти кои се здобиле со скршеници.


-За пет дена на Одделот за ортопедија при Тетовската болница се примени над 50 пациенти со фрактури, од кои тројца се оперирани, а останатите се пуштени на домашно лекување. Во овој број се опфатени и лицата кои се здобиле со повреди на ски-центарот Попова Шапка. Најголем број телесни повреди предизвикани од лизгање се регистрирани кај децата и постарите лица, а најчести се повредите на екстремитетите, велат од одделот за ортопедија во Тетово.

Од таму апелираат да не се излегува надвор без потреба и да се носат соодветни обувки и облека. Пред неколку дена, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами излезе на терен заедно со вработените во Јавното комунално претпријатие за да ги исчистат тротоарите од снег и мраз. Безбедноста и слободното движење на граѓаните е наша должност, изјави тој.


-Имајќи ги предвид барањата на граѓаните доставени до претпријатието, но и до општината дека на тротоарите има мраз и опасност од повреди, ние денеска излеговме на терен за да извршиме надзор како вработените во претпријатието го чистат мразот. Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на сите вработени во претпријатието кои ги исчистија тротоарите за граѓаните да можат слободно да се движат низ улиците во градот, вели Биљал Касами градоначалник на Тетово.


Инаку, и во наредните денови се очекува да преовладуваат ниски температури.