Над 80% од населението треба да се имунизира – Д-р Петличковски за „АстраЗенека“: Без размислување, да!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Населението треба да биде над 70% имунизирано за да се спречи ширењето на коронавирусот порача директорот на Институтот за Имунобиологија и хумана генетика д-р Александар Петличковски во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21.

„Вирусот може да се шири на индивидуи кои не се имунизирани, имунизацијата може да биде заради прележување на болест или заради вакцинација. Ние една третина сме завршиле од имунизацијата, но исто така е важно колку брзо ќе се затвори просторот за ширење на вирусот. Затоа е важно таа една третина на имунизирано население да се надополни многу брзо со доволен број што ќе претставува тешкотија на вирусот да го продолжи неговото ширење“, вели Петличковски.

Па, дури и тоа не е доволно. Тој додава дека тој доволен број, според новите сознанија, не е веќе над 70%, туку веројатно над 80% од населението.

„Треба да постигнеме вкупна бројка од 80%, сега бројката прецизно не може никој да ја одреди. Пример кај морбилите е неопходно да биде имунизирано 95% од населението затоа што тоа е контагиозна инфекција. За коронавирусот, на почетокот проекциите за колективен имунитет беа околу 60-70%, но со оваа зголемена преносливост и полесно пренесување на британскиот сој прагот на популацијата која треба да биде имунизирана за да го оневозможи ширењето на вирусот е веќе над 70%. Сега зборуваме за вкупно имунизирано население од околу 80%“.“, вели Петличковски.

На прашањето околу тоа дали треба да се вакцинираме со вакцината АстраЗенека, директорот на Институтот за Имунобиологија и хумана генетика д-р Александар Петличковски вели:

-Без размислување ДА, треба да се вакцинираме.

Д-р Петличковски и додава дека треба да се вакцинираме со било која вакцина што ни е достапна затоа што треба да ги имаме тие 100% заштита и елиминирање на шанса од смрт или тешка болест. Д-р Горан Кунгуловски пак посочува дека нема никаква опасност која е поттикната од самата вакцина.

-Одговорот е многу јасен, математиката и бројките се многу јасни. Сега излезе и од ЕМА последниот извештај во кој се тврди дека френквенцијата односно преваленцата на тромбоза кај вакцинирани версус нормална популација на невакцинирани луѓе е многу помала, така да нема никаква опасност која е поттикната од самата вакцина во однос на зголемување на ризикот за тромбоза-изјави Кунгуловски.

Првата пратка од 24.000 вакцини на Астра Зенека ќе пристигне в недела на 28 март, во Скопје преку Ковакс системот како што информира министерот за здравство Венко Филипче. Неодамна изјави дека и самиот тој би се вакцинирал со оваа вакцина.