Цените на нафтата денеска на азиските берзи паднаа на најниско ниво во последната недела, поттикнати од надежите дека дипломатските напори во рамки на Генералното собрание на ОН би можеле да придонесат за деескалација на војната со Иран, но и од делумното обновување на испораките на нафта од Саудиска Арабија, и покрај континуираните напади на јеменските Хути.
Фјучерсите за северноморската нафта „брент“, референтна за европскиот пазар, поевтинија за 2,16 долари, односно 2,08 отсто, на 101,71 долар за барел до 02:13 часот, откако во петокот тргувањето го завршија со пад од 0,91 отсто. Претходно денеска, цената падна на најниско ниво од 10 септември.
Во меѓувреме, американската нафта ВТИ падна под психолошката граница од 100 долари за барел. Цената на американската лесна сурова нафта се намали за 2,15 долари, односно 2,14 отсто, на 98,15 долари за барел, по падот од 1,58 отсто во претходната сесија на тргување.
Сателитските податоци покажуваат дека количината на саудиска нафта што минувала низ Ормускиот теснец во просек изнесувала 2,9 милиони барели дневно во последните шест дена, во споредба со само 700.000 барели дневно во август, соопштија аналитичари цитирани од Ројтерс, пренесува БТА.
„Изгледа дека дел од премијата за ризик се повлекува од цените на нафтата поради надежите дека уште оваа недела би можел да се појави дипломатски пат кон деескалација на војната меѓу САД и Иран“, коментираше главниот пазарен аналитичар во „KCM Trade“, Тим Ватерер.
Сепак, тој предупреди дека останува нејасно дали овие надежи ќе се остварат.
